Субрегионална трипартитна конференција за улогата на економско-социјалните совети во време на криза
 Министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами, учествува на дводневната субрегионална трипартитна конференција за улогата на економско-социјалните совети во време на криза во Западна Европа и Молдавија, којашто се одржува во Охрид.
Тој изрази уверување дека формирањето на економскиот социјален совет ќе придонесе за намалување и ублажување на последиците од економската криза, пред се спречување на отпуштањето работници односно намалување на високата стапка на невработеност во земјата.
Бајрами нагласи дека формирањето на советот дополнително ќе ги зајакне заложбите и мерките што ги презема Владата за справување со последиците од светската економска криза, истовремено потенцирајќи дека голем дел од високата стапка на невработеност во Македонија отпаѓа на сивата економија односно непријавениот труд.
“ Се надеваме дека мерките кои што ги преземаме и оние што ќе ги преземаме во иднина ќе придонесат за намалување на невработеноста. Бројките објавени од страна на Државниот завод за статистика не е реална, оттаму што ние се соочуваме со уште еден можеби посериозен проблем, а тоа е сивата економија, рече Бајрами притоа истакнувајќи дека државата пред се треба да се фокусира за нејзино искоренување.
Бајрами додаде дека треба да се почека на формирањето на економскиот социјален совет, за во пакетот антикризни мерки да се вклучат и некои предлози за кои ќе биде оценето дека можат да придонесат за намалувањето на високата стапка невработеност.
Директорот на Меѓународната организација на трудот, Марк Левин, коментирајќи ги податоците за стапката на невработеноста во Македонија, укажа на неодамна потпишаната програма за достојна работа меѓу МОТ и Министерството за социјална политика во Женева, од која очекува, како што рече, барем во еден дел да продонесе за намалување на невработеноста. Притоа тој нагласи дека независно мерките предвидени со програмата, неопходно е да продолжи интензивната соработка со синдикалните здруженија и работодавачите за остварувње на целта, односно намалување на високата стапка на невработеноста.
На конференцијата во организација на Меѓунардоната организација на трудот и Австриската Влада, учествуваат владини претставници од регионот, претставници на синдикати и организации на работодавачи од регионот и пошироко.
7/5/2010 9 |